Земјоделство

Николовски: Ќе се градат три нови откупни центри во земјава

24.06.2023 17:19

Земјоделците од истокот бележат намален принос кај дел од земјоделските култури како резултат од климатските промени, но се надеваат и на целосен пласман на нивните производи. Министерот за земјоделство вели дека нема да има неоткупен род, заради што стартува модернизацијата на откупните центри за земјоделски производи во Струмица и Ресен, а наскоро и изградба на голем откупно дистрибутивен центар во Скопје....

Климатските промени и актуелните временски услови ги намалија приносите кај дел од пролетните култури. Обилните врнежи го намалија родот на гравот, но и на дел од зеленчукот.

Проблем е кога родот потфрла, но проблем е и кога има род, но нема откуп, каков што беше случајот со сливите минатата година во Малешевијата кога родија над просекот, но скапаа неоткупени. Министерот за земјоделство вели дека веќе нема да има неоткупени земјоделски производи. Ќе се градат современи откупни центри.

Министерот за земјоделство и премиерот на Владата денес беа во посета на Делчево каде пуштија во употреба современ градски пазар со 18 дуќани и 192 продажни пунктови. Инвестицијата е 45 милиони денари, по половина од Општина Делчево и државниот буџет.

 

 

Славица Величковска