Дрин Ахмети го купува ТЦ „Соравија“ заедно со албански бизнисмен
„Соравија“ имаше долг од над 20 милиони евра, што не можеше самостојно да ги плати. Постигнавме договор за наш удел од 51 насто, Дрин Ахмети се огласи по обвинувањата од опозицијата за начинот како станал сопственик. Внукот на Али Ахмети тврди дека имало кредитна линија од 6 милиони евра, од кои 3 се исплатени...

Внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети го купува трговскиот центар Соравија заедно со албанскиот бизнисмен Владимир Пјетерѓокај. Информира и дека целосно ќе го преземат долгот од 20 милиони евра што „Соравија“ го има кон банките, кој компанијата не била во можност сама да го врати. Целта, вели бизнисменот Ахмети, е Соравија во иднина да стане профитабилна компанија.
„Со Владимир Пјетерѓокај увидовме голема можност во ова и во октомври 2022-та се сретнавме со Хано Соравија во Виена, кога му го претставивме нашиот план. Веднаш се создаде хемија помеѓу нас, на Соравија му се допадна предлогот и посака да остане акционер во компанијата“, вели Дрин Ахмети.
Ахмети тврди дека во купувањето на компанијата воопшто не вложил сопствени средства, а партнерот од Албанија повлекол кредитна линија од 6 милиони евра во матичната држава. Колкава била купопродажната цена на „Соравија“, не се открива, бидејќи како што вели досегашниот сопственик, информацијата е доверлива.
„Задоволен сум што најдов партнери од вашата држава. Имав можност да го сретнам Дрин. Ни ги кажа своите идеи, има силни компании во заднина. Мојот тим стекна доверба во него и во неговата компанија во следните години. Дрин е млад човек што гледа во иднината. Се надевам дека ќе ги пренесе своите идеи“, изјави Хано Соравија.
Соравија додава дека верувале во личноста, а не политичките врски на Дрин Ахмети. Хано Соравија во моментов поседува 100 проценти од акциите, а по трансакцијата ќе има 10 проценти.
Марија Котовска
