Почна жетвата, реакции за ниската цена на јачменот
Стартуваше жетвата на јачменот во Овчо Поле. Жетварите разочарани од климатските промени, но и од ниската цена на откупот. Министерот за земјоделство Николовски пак очекува добри приноси. Вели површините јачмен и пченица постојано растат...

Почна жетвата на јачменот во овчеполскиот регион. Жетварите сè уште не знаат какви ќе бидат приносите. Се жалат на климатските промени. Велат дождот си го направи своето. Реагираат и на ниската откупна цена. Појаснуваат дека поради кризата вложиле многу, но сега размислуваат и дали ќе продолжат со дејноста.
„Житарицата оваа цена е катастрофа, ќе се откажеме доколку продолжи со оваа цена ако немаме никаква поддршка од Владата ова е катастрофа. Ние бараме но што ќе излезе со девет денари е смешна цената, кога сеевме нафтата беше над 100 денари“, вели еден земјоделец.
„3.000 за ѓубрето, а 110 денари нафта, а сега да го дадеме за осум и пол и девет денари јачменот. Тракторот е нов, треба да работи подобрувањето на механизацијата но производството е проблем, каде да го дадеме“, нагласува друг.
Министерот за земјоделство Николовски, пак вели цените се берзански, највисоки во регионот. Оценува приносите не се мали, а површините по јачмен и пченица рече растат постојано.
„Мерката за дополнителна поддршка по принос, која изнесува 5.760 денари кај јачменот доколку имате над 3 тони по хектар која лани важеше за сите во време на криза, над 1 хектар, оваа година ќе биде 12.000 денари и ќе важи за сите“, истакна тој.
Николовски рече дека на располагање е и интервентниот фонд за поддршка на земјоделците. И од платежната агенција дополнија дека мерките за поддршка на земјоделството ќе продолжат и годинава. Субвенциите навреме ќе се исплаќаат, а во август се очекува и ИПАРД 3 програмата. Премиерот Ковачевски заедно со министерот во Свети Николе доделија решенија за набавка на трактори на 60 земјоделци. Ова е дел од вкупно одобрените 730.
Елена Георгиева
