Економија

Битиќи: На крајот на оваа година Националната развојна стратегија очекуваме да биде изгласана во Собрание

26.06.2023 14:57

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи изјави дека само преку инклузивност и активна партиципација, ќе го постигнеме потребниот и посакуваниот консензус за донесување но и за имплементација на целите зацртани со Националната развојна стратегија...

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи изјави дека само преку инклузивност и активна партиципација, ќе го постигнеме потребниот и посакуваниот консензус за донесување но и за имплементација на целите зацртани со Националната развојна стратегија.

Вицепремиерот Битиќи во неговата изјава за медиумите по завршувањето на состанокот на Управниот одбор за креирање на Националната развојна стратегија, информираше дека пред нешто повеќе од година и половина започна креирањето на долгорочната стратегија за развој преку еден инспиративен и сеопфатен процес, кој има за цел креирање документ кој ќе претставува заедничка визија за развојот на нашата држава и општество во претстојните две декади.

„Националната развојна стратегија ќе ни ја даде потребната јасност и визија за развојните цели и патека на нашата држава. Креирањето на Националната развојна стратегија се заснова на четирикратниот хелекс а тоа е државата, академијата, бизнисот и граѓанскиот сектор. Во управниот одбор но и во сите фази на креирањето и консултирањето за Националната развојна стратегија се вклучени сите. Горд сум што можам да кажам дека ова е веројатно најинклузивниот процес кој сме го имале во нашата држава досега“, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи изрази убеденост дека само вака, преку инклузивност и активна партиципација, ќе го постигнеме потребниот и посакуваниот консензус за донесување но и за имплементација и следење на целите зацртани со Националната развојна стратегија.

На крајот, вицепремиерот Битиќи информираше дека влегуваме во последната фаза на самото пишување на стратегијата и процената е дека до крајот на оваа година веќе ќе биде изгласана прво од Владата, па Собранието.