Субвенции за професионални земјоделци
Професионалните земјоделци имаат право на дополнителни субвенции. Кај три категории производители има и зголемување на финансиската поддршка од 5 до 20 проценти. За оваа намена во програмата за финансиска поддршка на земјоделството се одвоени 10 милиони денари. Пријавувањето за добивање на најголемиот дел од субвенции завршува на 14-ти јули оваа година...

Во првата категорија, условот за користење дополнителна помош од 5 проценти го остварува регистрирано правно лице што е основано од семејно-земјоделско стопанство со целиот земјоделски имот освен објектите за домување.
Втората категорија се младите земјоделци носители на семејно-земјоделско стопанство, кои ќе имаат право на уште 10 проценти од основниот износ на субвенциите поради нивното останување во руралните средини и за стимулирање на работењето во оваа дејност.
Исто зголемување им следи и на земјоделските задруги за остварено и продадено производство преку задругата.
Четвртата категорија со поголема финансиска поддршка се регистрираните индивидуални земјоделци или регистрираниот земјоделец, согласно Законот за пензиското и инвалидско осигурување. За нив, субвенциите се поголеми за 20 проценти. За помош за одделни категории носители на земјоделско стопанство во програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2023 година се одвоени 10 милиони денари.
Рокот предвиден за поднесување на барањата е до 14-ти јули.
Методија Трајков
