Потпишан договорот за инвестициски грант од 1,5 милиони евра за Фе Осломеј 1 помеѓу АД ЕСМ и ЕБОР
АД Електрани на Северна Македонија денес потпиша договор за инвестициски грант за проектот „Фотонапонска електрана Осломеј I“ со водечката меѓународна финансиска институција – Европска банка за обнова и развој, добиен преку инвестициската рамка за Западен Балкан...

АД Електрани на Северна Македонија денес потпиша договор за инвестициски грант за проектот „Фотонапонска електрана Осломеј I“ со водечката меѓународна финансиска институција – Европска банка за обнова и развој, добиен преку инвестициската рамка за Западен Балкан.
„Инвестицискиот грант во вредност од над 1.5 милиони евра, предвидено е да биде искористен за финансирање на ставките од грантот, согласно Договорот за набавка и поставување на Фотонапонски електрана Осломеј 10 MW, склучен помеѓу АД ЕСМ – Скопје и реномираната турска компанија „Гиришим електрик“ потпишан во ноември 2019 година“ – изјави во денешното обраќање генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов.
„Целта на инвестицискиот грант е да обезбеди поддршка во финансирањето на трошоците за фотонапонската електрана, коишто вклучуваат набавка на опрема, градежни работи и работи поврзани со инсталација на опремата“ – додаде Стефанов.
Во продолжение Стефанов нагласи дека поддршката и соработката со институции како ЕБОР е од клучно значење и ќе придонесе за побрза и полесна транзиција кон Зелената агенда за Западен Балкан, со заложбата за транзиција кон чиста енергија, која има цел намалување на емисиите на стакленички гасови за 61 проценти.
Фотонапонската електрана „Осломеј 1“ со моќност од 10 MW, во април минатата година почна да ги произведува првите количини чиста и зелена електрична енергија од сонце.
Фотонапонската електрана изградена во кругот на РЕК „Осломеј“ e прв пример на енергетска транзиција во Југоисточна Европа каде што електричната енергија ќе се произведува од сонце преку панели поставени на просторот врз стариот и исцрпен рудник за јаглен. Таа е прва во низата електрани што треба целосно да го заменат досегашниот инсталиран капацитет на РЕК „Осломеј“.
Фотонапонска електрана „Осломеј“ предвидено е да има годишно производство од 15 до 17 гигават-часа електрична енергија, да исфрли 13.000 тони емисии на CO2 годишно и да ги обезбеди потребите за струја на околу 2.800 домаќинства, но истовремено се прави рекултивација и облагородување на 19 хектари површина необработливo земјиште.
