Финансии

Граѓаните можат да вложуваат во граѓанска обврзница, првата аукција ќе се одржи на 13-ти јули

30.06.2023 17:07

Од денеска граѓаните можат да купуваат обврзници, првата аукција во износ од 600 милиони денари. Каматната стапка, што ќе ја добијат за својата инвестиција во граѓанската обврзница е 5% на годишно ниво…

Прв пат граѓаните можат да вложат во граѓанска обврзница. Владата издаде проспект за првата аукција што ќе се одржи на 13-ти јули. Владата вели дека ова го прават по барање на голем број граѓани и смета дека овој инструмент е од корист и на граѓаните и на економијата во целина.

На 20-ти јули оваа и на 20-ти јули идната година, од државата на имателите на обврзница ќе им се исплати камата од 5% на сумата што ја вложиле. Кога ќе истече периодот од две години, ќе им бидат вратени финансиските средства кои ќе ги имаат вложено во граѓанската обврзница. Министерот Бесими уверува дека овој инструмент не се носи како проблем за задолжување на меѓународен пазар и барање средства од други институции.

Од Владата уверуваат дека граѓанската обврзница е најсигурен финансиски инструмент, односно најсигурна инвестиција што постои. По завршувањето на прес-конференцијата, Ковачевски му даде задача на заменик-министерот за финансии да праша во Антикорупциска комисија дали и тие како политичари можат да учествуваат на аукцијата.

Катерина Топалова