Продолжен рокот за аплицирање за земјоделски субвенции
На барање на земјоделците до 14-ти јули е продолжен рокот за пријавување за субвенции за 2023-та година. На сметките на фармерите треба да се најдат речиси 6,4 милијарди денари. Најголем дел од вкупната финансиска поддршка е предвиден за растителното производство …

Со 2 милијарди денари годинава ќе се субвенционира растителното производство, а со една милијарда сточарството. Средствата се обезбедени од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството.
Право на државна помош земјоделците ќе имаат и за премии за осигурување склучени од 1-ви август 2022 до 31-ви јули 2023 година со максимален износ на поддршка од 150.000 денари по корисник.
За заштита на земјоделско земјиште се обезбедени еден милион денари за анализа на физичките и хемиските својства на почвата за стопанствата кои направиле агрохемиски или педолошки анализи годинава, а ќе се покриваат 80 проценти од трошоците, но не повеќе од 12.000 денари.
Остануваат и досегашните мерки за складирање на пченицата, субвенцијата за зелената нафта и помош за вршење на земјоделска дејност во подрачја со ограничени можности за производство.
За заостанатите обврски поради специфичноста на производството и неисплатените субвенции на земјоделците од 2019 до 2022 година, за враќање на долгот се предвидени скоро 3 милијарда денари.
Методија Ристов
