Субвенции за семенски и посадочен материјал
Покрај за производство на храна, субвенции можат да добиваат и производителите на семе и посадочен материјал. Корисниците на финансиската помош треба да се запишани во регистрите на снабдувачи во оваа дејност. Пријавувањето е во тек, а рокот за аплицирање важи како и за другите култури и ќе трае до 14-ти јули …

Производителите на семенски материјал за житни култури можат да поднесуваат барања за субвенции. Корисници на парите се земјоделските стопанства запишани во Регистарот на снабдувачи и кои во 2023-та година имаат произведен и продаден семенски материјал за жито.
Висината на директните плаќања е 20 денари за килограм, а за основен семенски материјал изнесува 10 денари. Лозарите и овоштарите кои се запишани во регистарот и имаат произведени, продадени и за сопствените потреби потрошени садници најдоцна до 30 април оваа година имаат право на 30 денари по лозов и 35 денари по овошен садник.
За повисока категорија на сертификација висината на директните плаќања изнесува 35 за лозов и 40 денари за овошен садник.
Субвенцијата за производство на сертифициран посадочен материјал за зеленчукови и цветни култури изнесува 8 денари за продадено младо растение од градинарските култури и 4 денари за цвеќе.
Минималниот производен капацитет годишно треба да брои 50.000 градинарски растенија и 25.000 цветни култури.
Пријавувањето ќе трае уште една недела и завршува на 14-ти јули.
Медтодија Трајков
