Над 17.000 вработени во зоните, нови четири инвестиции до крајот на годината
Во компаниите во зоните има над 17.000 вработени, објави ТИРЗ. Деспотовски најави четири нови инвестиции до крајот на годинава. Ќе се гради и фабриката за електрични автомобили во Тетово, се чека Владата да го одобри закупот...

Надмината е бројката од 17.000 вработени во компаниите на странските инвестори во технолошко- индустриските развојни зони во земјава. Во првата половина од годинава, увозот на репроматеријали за бесцаринските зони опаднал, а извозoт се зголемил на околу две милијарди евра, информираа од ТИРЗ.
Покрај најголемата инвестиција во ТИРЗ од 126 милиони евра на германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“, од почетокот на 2023-та има и други две странски инвестиции кои најавуваат дополнителни 150 милиони долари вложувања.
Деспотовски вели дека се во преговори со уште четири заинтересирани да развиваат бизнис во зоните. На прашањето каков е ставот на странските инвеститори околу солидарниот данок, тој посочува дека дел веќе реагирале.
Објавени се повици за јавно- приватно партнерство за зоната Гевгелија во вредност од над 120 милиони евра и за соларни централи во селектирани зони од 40 милиони евра. ТИРЗ почна широка кампања за европски работни места за задржување на младите во земјава.
Ирина Гелевска
