плати

Синдикатите и Владата се блиску до договор за зголемување на платите во јавниот сектор

08.07.2023 12:56

Власта е уверена дека ги приближила ставовите со Синдикатите и договор за платите ќе има наскоро. И двете страни не коментираат за колкав процент на зголемување разговарале. В понеделник нова рунда преговори. Во интервју за МИА, министерот Бесими вели дека треба уште неколку детали да се завршат за да се постигне решение...

Синдикатите и Владата се блиску до договор за зголемување на платите во јавниот сектор. Министерот за финансии, Фатмир Бесими во интервју за државната агенција МИА вели дека е рационален оптимист и оти во прашање се само финеси коишто треба да се дефинираат. Тој додава дека е прифатливо, коефициентот да се воведе како нов модел и дека неговото врзување со просечната бруто-плата, доколку се согласат синдикатите би се реализирало од март 2025 година. Во транзицискиот период дотогаш ќе има раст на платите, чијашто динамика треба да се договори со синдикатите.

Нова рунда разговори е закажана за в понеделник. По последниот состанок во средата, и претставниците на синдикатите рекоа дека се блиску до договор и оти разговорите за раст на платите се доближиле до нивните барање – да се земат в предвид минималната плата и стапката на инфлација.

Во зависност од договорот од синдикатите ќе се види дали од септември ќе има ребаланс на Буџетот, рече министерот Бесими во интервјуто за МИА.

 

Ана Јосифоска Тодоровска