Привршува пријавувањето за земјоделските субвенции
Изминува последната недела за пријавувањето за најголемиот дел од субвенциите за годинава. На сметките на земјоделците треба да се најдат скоро 6,4 милијарди денари. Најголем дел од вкупната финансиска поддршка е предвидена за растителното производство...

Со 2 милијарди денари годинава ќе се субвенционира растителното производство, а со 1 милијарда сточарството. Средствата се обезбедени од програмата за финансиска поддршка во земјоделството.
Право на државна помош земјоделците ќе имаат и за премии за осигурување склучени од 1 август 2022 до 31 јули 2023 година со максимален износ на поддршка од 150.000 денари по корисник.
За заштита на земјоделско земјиште се обезбедени 1 милион денари за анализа на физичките и хемиските својства на почвата за стопанствата, кои направиле агрохемиска или педолошка анализа годинава, а ќе се покриваат 80 проценти од трошоците, но не повеќе од 12.000 денари.
Остануваат и досегашните мерки за складирање на пченицата, субвенцијата за зелената нафта и помош за вршење на земјоделска дејност во подрачја со ограничени можности за производство.
За заостанатите обврски поради специфичноста на производството и неисплатените субвенции на земјоделците од 2019 до 2022 година, за враќање на долгот се предвидени скоро 3 милијарда денари.
Методија Трајков
