Ниски откупни цени

Националната земјоделска мрежа бара државата да изврши интервентен откуп на јачменот и пченицата

11.07.2023 12:28

И ова година земјоделците се препуштени на немилост на откупувачите, сметаат од Националната земјоделска мрежа. Апелираат до Министерството за земјоделство да постапат по Член 40 од Законот за земјоделие и рурален развој, кој предвидува интервентен откуп од страна на државата во услови кога откупната цена е пониска од производната цена на житните култури...

Производна цена на јачменот годинава е 15, а на пченицата на 19 денари за килограм, процени Земјоделскиот институт. Проблемот сега е што откупната цена на јачменот е девет денари, а на пченицата сè уште не е утврдена. Претседателот на Националната земјоделска мрежа, Ѓорги Каракашев вели дека законот нуди решение за оваа состојба, интервентен увоз од државата по цена повисока за 25 насто од производната.

Годинава јачменот и пченицата се застапени на површини поголеми од лани, но актуелната ниска откупна цена и неповолните климатски услови за овие култури го доведуваат во прашање производството на житарици во земјата.

Минатата година откупната цена на меркантилната пченица беше од 17 до 19 денари за килограм. За да се исплати овогодишното производство, земјоделците бараат пченицата да се откупува за најмалку 20 денари за килограм.

Славица Величковска