НБРМ

Натамошен раст на плаќањата со платежни картички и електронски кредитни трансфери

12.07.2023 13:01

Народната банка на Република Северна Македонија ги објави податоците од доменот на платежната статистика за првиот квартал од 2023 година...

Народната банка на Република Северна Македонија ги објави податоците од доменот на платежната статистика за првиот квартал од 2023 година.

Податоците покажуваат тренд на натамошна засилена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од страна на граѓаните, како при употребата на платежните картички, така и при употребата на мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери, или т.н. платни налози.

Имено, во првиот квартал од 2023 година, годишниот раст на употребата на платежни картички издадени во земјата за готовински трансакции и за плаќање производи и услуги во земјата од страна на граѓаните изнесува 14,7% кај бројот и солидни 12% кај вредноста на овие трансакции. Притоа, значителен годишен раст од 16,8% е забележан кај употребата на картичките за плаќање производи и услуги во земјата, при засилен раст на плаќањата на физичките места на продажба од 17,4%, но и солиден раст од 11,1% на плаќањата на виртуелните (интернет) продажни места.