Извештај на „Манивал“: Народната банка работи по меѓународни стандарди
Во Извештајот, заснован врз евалуацијата извршена од октомври 2021 година до мај 2023 година, е истакнато значењето на супервизијата заснована на ризици, како и соработката со надлежните државни органи. Значаен придонес кон позитивната оценка имаат и бројните подзаконски акти донесени од страна на Народната банка...

Системот за лиценцирање и супервизија на Народната банка ги исполнува меѓународните стандарди за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот, соопшти Народната банка повикувајќи се на оценката на Комитетот на експерти на Советот на Европа за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Манивал“).
Во Извештајот, заснован врз евалуацијата извршена од октомври 2021 година до мај 2023 година, е истакнато значењето на супервизијата заснована на ризици, како и соработката со надлежните државни органи. Значаен придонес кон позитивната оценка имаат и бројните подзаконски акти донесени од страна на Народната банка и спроведените обуки за зголемување на ефикасноста во работењето на финансиските институции, а истовремено позитивно се оценети и корективните мерки на Народната банка за унапредување на квалитетот на дејствувањето на финансиските институции во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам, се вели во соопштението.
Во Извештајот на „Манивал“, позитивно се оценети и високата свесност и ефикасноста на деловните банки во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот.
Ваквата оценка, како што соопштуваат од Народната банка, е резултат на долгорочни, постојани и сеопфатни напори за унапредување на регулативата рамка и спроведување на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам.
