Туризам

Туристите шокирани од високите цени на угостителските услуги

14.07.2023 13:15

Високите цени на угостителските услуги во Охрид ги изненадија дури и странските туристи, кои нашата држава ја избираат како дестинација поради пониските цени при што добиваат оптимален квалитет. Експертите велат дека ваквите состојби можат да имаат негативни последици и да предизвикаат анимозитет кај странците и домашните посетители...

Евидентно е дека цените на услугите во угостителскиот сектор во Охрид оваа туристичка сезона се драстично повисоки во споредба со лани, а за одредени услуги тие се повисоки и до 300 проценти. Тоа предизвика шок не само кај домашните, туку и кај странските гости кои во нашите центри доаѓаат пред сè поради пониските цени. Ова е ставот на експертот по туризам Климент Наумов, којшто смета дека на овој начин ќе се намали интересот за доаѓање во нашата земја.

„Се гледа дека цените се енормно зголемени. Како да угостителското стопанство, како да сака да ги надомести загубите кои што ги претрпеа во изминатите 3-4 години, односно од 2020-тата година кога имавме стрмоглав пад на фреквенцијата на посетеност и туристичка потрошувачка“, изјави доц. д-р Климент Наумов, Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Се чини дека најголем удар ќе претрпат локалните жители, бидејќи за голем број од нив ќе згасне традицијата да испијат утринско кафе или да појадуваат чорба во охридските кафетерии и ресторани.

„Сезоната ќе заврши, ќе помине, значи треба угостителите исто така да гледаат,да имаат еден позитивен однос и кон локалните посетители, кон мештаните кои што понатака во вториот дел од годината, после сезоната се тие кои што треба да бидат нивните потрошувачи“, изјави доц. д-р Климент Наумов, Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Крајно време е да се поработи на ценовната политика и на туристичката понуда, вели Наумов. А тоа е возможно доколку има локални и регионални туристички организации кои што ќе бидат балансери на тектонските пореметувања какви што се случуваат ова лето.

 

 

Сашо Нелоски