Владата ќе ја преиспитува одлуката за спојување на концесиите на рудникот Иловица – Штука
Утре, на владина седница, министерот за економија Бектеши, ќе ги образложи сите судски одлуки за рудникот „Иловица“. Тренчевска вели, одлуката ќе се преиспита, рудник нема да има. Не верува дека рудникот за злато и бакар може да ја разниша владината коалиција. Концесиите за рудници во струмичкиот регион се од 2006-та година. Во време на ДУИ и СДС, вратија од ВМРО-ДПМНЕ...

Владата ќе ја преиспитува одлуката за спојување на концесиите на рудникот Иловица – Штука, откако на предлог на министерот за економија Бектеши едногласно беше изгласано спојување на концесиите за ископ на минерални суровини на „Еуромакс ресоурцес“. Надлежните во Економија на владина седница ќе треба да дадат подетални документи и да ја образложат судската одлука, најави министерката за труд Тренчевска. Го повтори ставот дека нема да поддржат отворање на рудник во струмичко. Тренчевска смета дека ова нема да биде точка на разидување со коалицискиот партнер ДУИ.
Партиите меѓусебно се обвинуваат за тоа кој ја доделил концесијата за рудникот и кога. За ВМРО-ДПМНЕ концесиите за рудниците во струмичко се дадени во 2006-та година, во време кога владееле СДС и ДУИ. Опозициската партија го обвини премиерот Ковачевски дека лаже, иако како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, со еден потпис може да ја поништи одлуката за доброто на граѓаните од струмичкиот регион.
За социјалдемократите, пак, концесиите за рудникот иловица се дадени во 2012-та и 2013-та година од влада на ДПМНЕ и Никола Груевски, на кого Христијан Мицкоски му беше советник. Од партијата велат дека одлуката е донесена на 16 јуни 2012 година, потпишана од Зоран Ставрески и објавена во Службен весник, истиот месец.
Демократскиот сојуз смета дека спојувањето на концесиите за рудниците во Иловица е тежок криминал и за тоа мора да се понесе одговорност. Одлуката, велат од партијата, е во корист на инвеститорот, но поради отпорот на жителите од Иловица и пошироко, СДСМ ретерира и се обидува да се извлече од овој скандал и криминал. Викендот, жители од струмичко излегоа на протест. Рекоа дека по ниту една цена нема да дозволат загрозување на животната средина.
Викторија Милевска
