Заштита на добитокот од високите температури
Од високите температури и топлотните удари треба да се заштитува и добитокот предупредуваат ветеринарите. Порачуваат дека сточарите треба да обезбедат доволно храна, свежа вода и ладовина за животните. Изнесувањето или напасувањето на стадата треба да биде во утринските или вечерните часови кога жештините се помали, а температурите пониски...

Високите температури се потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку навреме не се преземат мерки за обезбедување на доволни количества на храна и на вода за пиење.
Порастот на температурите над 30 степени, за секое животно претставува голем стрес кој може да се манифестира со помала исхрана, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб развој.
Високиот процент на влага и недоволната вентилација во шталите може да биде причина за топлотен удар, а сончаницата резултат на непосредно и директно изложување на сонце.
Во двата случаи исходот може да биде фатален доколку навреме не се реагира, а телесната температура треба да се намалува постепено со прскање со умерено ладна вода или со покривање на животното со влажни крпи.
Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата.
Во вакви временски услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, со доволно количество на воздух и на свежа вода.
Методија Трајков
