Македонија

Бектеши: Ќе се следат сите законски процедури за рудникот „Иловица“

19.07.2023 15:42

Министерот за економија уверува – ќе се следат сите законски процедури за рудникот „Иловица“. По реакциите од дел на министрите дека не биле доволно информирани, Бектеши тврди имало расправа. Власта уверува дека ќе го слуша мислењето на граѓаните, опозицијата обвини за коалициски договор...

Владата била детално информирана за точката за спојување на концесиите за Иловица-Штука – рече на брифинг со новинарите министерот за економија Бектеши. Вели дека со колегите во владата 20 минути дискутирале на темата, а потребните документи два пати биле доставени и министрите имале увид во податоците. Министерот ги демантираше тврдењата на колегите од СДСМ дека биле изманипулирани и недоволно запознаени со материјалот, па не знаеле што изгласале, но и покрај ова, вели дека со нив има одлична комуникација. Негов личен став е дека рудник во струмичко не треба да има, но во оваа постапка вели се постапува законски.

„Уште сто пати да се повтори оваа ситуација, уште сто пати би одлучиле идентично“, дециден е Бектеши. Итноста на точката е заради други предмети кои ги имаме во моментов, а се наоѓаат пред меѓународна арбитража“.

Отворањето на рудникот „Иловица“ е коалициски договор меѓу СДСМ и ДУИ, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ. Според опозицијата, власта соочена со револтот на жителите од струмичко влегла во конфузија. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски во интервју за МТВ рече дека власта ја изманипулира јавноста дека ќе биде преиначена одлуката за концесиите.

Бектеши потсети дека токму ресорот кој тој го предводи донесе одлука да одземање на една од концесиите за „Иловица“, по што инвеститорот преку управните судови успеа да добие пресуда во негова корист. Еуромакс по спојувањето на концесиите треба да почне нова постапка за добивање дозвола за експлоатација. Има рок до 2027-та да ги достави потребните документи, меѓу кои и студија за заштита на животната средина.

 

Викторија Милевска