Владата ќе ги олесни процедурите за увоз на странски работници
Бизнис секторот бара зголемување на квотата и скратување на процедурата за увоз на работници од странство. Од Владата со најава на соодветни законски измени во септември. Недостиг на работници има во скоро сите дејности, но најпогодени се градежниот, угостителскиот и текстилниот сектор...

Владата подготвува законски измени за да се зголемат квотите и да се скратат и олеснат процедурите за работен ангажман на странските работници кај нас. Сегашната квота од 5.000 работници се планира да се зголеми двојно.
Недостигот на работници е голем проблем на компаниите, но и на државните фондови, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Најмногу кадар недостига во градежниот сектор и угостителството, информираат од Владата. Со недостиг на работници се соочува и пекарската и кондиторската индустрија.
До сега најмногу странски работници има во градежништвото, но агенциите активно работат на донесување работници и во текстилниот сектор. Во прилепска конфекција наскоро ќе дојдат работници од Непал, а интерес за работа во македонскиот текстил има и од Бангладеш.
Славица Величковска
