На откупните пунктови земјоделците половично ја носат пожнеаната пченица
Веќе една недела како откупните пунктови се отворени, а пелагониските земјоделци калкулираат со продажбата на веќе пожнеаната пченица која е со исклучително лош квалитет. Во вакви прилики велат бележат загуби од над 40 посто. Шанса за зголемување на цената на светските берзи гледаат во последните случувања со пченицата во руско-украинскиот конфликт...

Како жетвата на пченицата влегува во поодмината фаза така се повеќе се зголемува разочараноста на пелагониските земјоделци. Нема ништо од прогнозите дека ќе има натпросечни приноси. Актуелната констатација е дека приносите се под просекот, а квалитетот на пченицата убедливо најслаб во последниве години. Земјоделците засега калкулираат со предавањето на лебното зрно.
Разочараноста најголема кај младите земјоделци кој по минатогодишната убава откупна цена одлучиле да го наследат она што со децении го работеле родителите.
На оние со дебел земјоделски стаж јасно им е годинава квалитетот на пченицата не нуди проценка за повисока откупна цена. Велат финансиските загуби ќе бидат над 40 посто и покрај веќе познатите мерки за помош и одлуката дел од пченицата да се откупи за државните резерви.
Оние кои одлучиле да ја чуваат будно ги следат и случувањата со патот на пченицата што го диктира руско-украинскиот воен конфликт.
Стојановски вели пченицата ќе ја чуваат главно поголемите земјоделци, но трајно решение гледа во создавањето на една темелна стратегија. Тој е убеден дека доколку ја имаме во целост би можеле да ги задоволиме домашните потреби.
Стевче Митревски
