Наскоро старт на ИПАРД 3 програмата за помош во земјоделството
Откако заврши и последниот повик за ИПАРД 2, од Брисел се очекува финансиската спогодба за ИПАРД 3 програмата за помош во земјоделството, во која ќе бидат точно наведени буџетот и мерките по години. Согласно со проекциите, за ИПАРД 3 би требало да има над 60 проценти повеќе пари од претходната програма…

Кога има финансиски средства, односно, договори коишто имаат финансиски апликации, секоја една ревизија е добредојдена и Европската комисија треба да продолжи да си ги врши своите контроли, потенцираше првиот човек на земјоделство, Николовски. Вели, ние имаме најголем број договори, што значи и најголема ревизија на тие договори. Уверува дека земјава е апсолутен лидер и во делот на вкупната искористеност на европски средства и затоа неуспехот на земјите од регионот, според него, не треба да биде протолкуван дека кај нас се врши некаква злоупотреба.
Николовски и Бачовски го презентираа последниот повик од ИПАРД 2, а најавија и дека потоа ќе стартува новиот ИПАРД 3. Вкупно 8,8 милиони евра ќе изнесува финансиската поддршка на последниот ИПАРД 2 повик што ќе биде објавен утре. Крајниот рок за поднесување на барањата е 18 септември 2023 година, а инвестициите што ќе бидат одобрени, мора да се реализираат до 31-ви мај. Целта е максимално искористување на ИПАРД 2, да бидат инвестирани дома, со што, во буквална смисла, ниту еден денар нема да вратиме назад, за разлика од ИПАРД 1, кога 60 милиони евра беа вратени кон ЕУ, вели Николовски.
Николовски е дециден дека нема да потпишува никаква согласност за отворање рудници или каква било пренамена на плодно земјиште од прва и од втора класа. Иднината на Македонија е во производството на храна и на туризмот, смета министерот, и затоа според него не треба да се дозволува пренамена на обработливото земјоделско земјиште. Дополнува дека во иднина треба законски да се забрани пренамената на првата и на втората класа плодно земјиште.
Ана Јосифоска Тодоровска
