Примањата не се доволни

Граѓаните не го чувствуваат намалувањето на инфлацијата

15.08.2023 13:55

Допрва ќе се знае за колку ќе поскапат дел од производите што се на листата на финансии за покачување на данокот на додадена вредност од пет на десет насто. Вицепремиерот за економски прашања неодамна ги објави прогнозите дека ќе продолжи падот на стапката на инфлација за до крајот на годинава да достигне 8%, а просечната плата ќе продолжи да расте...

Пелени од 800 до 1.500 денари, прашок за перење 900, шампон 400 денари, зејтин од 76 до 87 денари, млеко од 70 до 85 денари, јаболка и до 140 денари, кајсии 165 … ова се дел од цените кои ги затекнавме во некои од маркетите во Скопје.

Допрва ќе се знае за колку ќе поскапат дел од производите што се на листата на финансии за покачување на данокот на додадена вредност од пет на десет насто. Вицепремиерот за економски прашања Битиќи на својот Фејсбук профил неодамна ги објави прогнозите дека ќе продолжи падот на стапката на инфлација за до крајот на годинава да достигне 8%, а просечната плата ќе продолжи да расте. Како го чувствуваат тоа на џебот дел од граѓаните со кои поразговаравме?

„Со позајмување го поминувам месецот.“

„Цените се превисоки, сиромаштијата расте од ден на ден. Се гледа низ продавниците, на пазарот. Сè е поскапено, не се чувствува дека е намалена инфлацијата.“

„Не се чувствува дека се намалени цените. Имаше некое намалување, но повторно се покачија. Многу е тешко да се опстане.“

„Стандардот што го имам во Женева и платата што ја имам таму, кога ќе споредам-цените се исти. Се чудам како опстануваат моите тука со платите и пензиите што ги имаат. Едно влегување во продавница, корпата да ја наполниш со основни работи, без 2.000 денари не поминуваш“-велат граѓаните што ги анкетиравме.

Просечната плата и натаму е помала за околу 200 евра од потрошувачката кошничка. Според Заводот за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен изнесува над 36.000 денари, а потребни биле месечно над 49.000 за едно четиричлено семејство.

Александра Велинова