Аграр

Пријавување субвенции за земјоделски задруги

17.08.2023 08:35

До 30-ти август, земјоделските задруги можат да достават барања за субвенционирање на нивното основање и работење. Дополнително, за првата година, управителот и едно стручно лице ќе ги плаќа државата.

На огласот може да се пријават сите земјоделски задруги кои се регистрирани во Регистарот на Министерството за земјоделство.

Средствата се неповратни за ангажирање на стручни лица, за просечната бруто-плата на управителот исплатена во дејноста во претходната година како и за ангажирање на еден вработен од областа на земјоделските науки и ветеринарство.

Прифатливи се и трошоците за закуп на простории, за компјутерска опрема, услуги за сметководство, обуки и информирање на членството.

Неповратна финансиска поддршка може да се побара и за промотивни настани за привлекување и ширење на членството.

Финансиската помош се однесува за периодот од 1-ви јануари до 30-ти јуни 2023-та година.

Барањето може да се достави по пошта или директно во Платежната Агенција. Доколку се поднесат повеќе барања отколку што има расположливи средства предност ќе имаат барателите кои аплицирале порано од другите.

Краен рок за доставување на документацијата е најдоцна до 30-ти август 2023-та година.

Методија Трајков