Земјоделство

Финансиска помош за млади земјоделци

18.08.2023 08:40

На младите земјоделци кои сакаат да почнат сопствен бизнис државата ќе им помогне со неповратна финансиска помош до 10.000 евра. На огласот кој според Министерството за земјоделство треба да се објави во текот на овој месец може да конкурираат земјоделци до 40 годишна возраст…

Секој млад земјоделец кој почнува сопствен бизнис и кој е запишан во Единствениот регистар на земјоделски стопанства може да побара од државата финансиска поддршка до 10.000 евра.

По одобрувањето на субвенцијата, парите може да се доделат во вид на авансна исплата до 40 проценти од вкупната вредност на одобрениот износ, а остатокот се исплаќа по реализација.

Право за аплицирање имаат земјоделци не постари од 40 години, за финансирање на основните средства за работа, инвестиции во опрема за преработка на земјоделските производи и производи од животинско потекло, како и за отворање на сопствен агро-бизнис.

Земјоделските стопанства кои се корисници на ИПАРД програмата за истиот тип на инвестиција не можат да бидат корисници на оваа финансиска поддршка. Земјоделците кои лани добиле пари од истата мерка, годинава ќе немаат право да аплицираат.

Доколку намената на вложувањето согласно одобрениот деловен план предвидува преработка на земјоделски производи, по реализација на инвестицијата дејноста ќе треба да се евидентира во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Методија Трајков