ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Се подготвува нов советодавен систем

21.08.2023 08:17

За успешно и конкурентно земјоделство се потребни стручни совети и развиена советодавна мрежа порачуваат експертите. На фармерите им треба професионална помош да знаат како квалитетно да произведат и да продадат. Сметаат дека сегашната советодавна служба треба да се прошири и да се модернизира за целосно да ги задоволува потребите на земјоделските стопанства …

До земјоделците сè уште тешко доаѓаат информациите кои ќе им помогнат да го направат своето производство поквалитетно и конкурентно на пазарот. Честото менување на законите и на прописите дополнително ја отежнува работата, а им недостасува и време за следење на информации или користење на интернет.

Во моментов, стручни совети обезбедува само Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството. Со нив годишно се покриени не повеќе од 700 земјоделски стопанства што е многу помалку од бројот на земјоделците, корисници на државна поддршка и евидентираните 30 до 40 илјади индивидуални стопанства кои имаат посериозен развоен капацитет.

Со нов Закон за воспоставување на советодавен систем, за земјоделство и за рурален развој кој ја помина владината процедура, се предвидува министерството да воспостави Регистар на даватели на советодавни услуги кој ќе биде јавно достапен за сите земјоделски стопанства за да им се олесни пристапот до советник со специфична стручност за одредена област, во зависност од типот на производство.

 

Методија Трајков