Економија

Битиќи: Членството во ЕУ ќе донесе трајни и големи економски придобивки за граѓаните и компаниите

21.08.2023 12:40

Тој посочува дека остварувањето на стратешката определба на 80% од граѓаните на државата за зачленување во ЕУ најважно е дека ќе значи повисок животен стандард и поголема куповна моќ за нив.

Усвојувањето на уставните измени во Собранието на Република Северна Македонија, а со тоа и овозможување да продолжи евро-интегративниот пат на нашата држава, не е само политичко прашања, туку и прашање на економски структурни промени кои треба да донесат низа на трајни придобивки како за нашето стопанство, така и за граѓаните- пишува на својата Фејсбук страна заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Тој посочува дека остварувањето на стратешката определба на 80% од граѓаните на државата за зачленување во ЕУ најважно е дека ќе значи повисок животен стандард и поголема куповна моќ за нив.

Една од најголемите придобивки која стои пред нашата држава е создавање на реални услови за голем раст на платите, кој кај одредени држави во првите пет години по зачленувањето во ЕУ се движеше од над 50 отсто, па се до 100 отсто. Ова ќе биде директна придобивка за куповната моќ за граѓаните, за нивниот смеен буџет и животен стандард.

ЕУ е најголемиот наш економски партнер, нашето стопанство органски е поврзано со европското, 77,5% од извозот завршува во некоја од 27-те држави членки, додека 51% од увозот доаѓа од таму. Ова значи дека домашните компании создаваат дополнителна економска вредност, креираат и одржуваат работни места за нашите сограѓани преку деловна соработка со европски компании, односно основата на нивниот раст и развој лежи на европски трговски основи- пишува вицепремиерот за економски прашања Битиќи.