Во најава нови цени на прехранбените производи од септември
Пекарската индустрија ги крои новите цени на лебот. Дали и колку ќе поскапи зависи од брашното и пченицата. Но тука не застануваат поскапувањата. Во месец септември, каде има најголем товар врз домашниот буџет, се најавуваат нови повисоки цени на пазарот и на другите производи....

Од септември лебот може ќе поскапи а може и не, а и да поскапи не се знае за колку. Претседателот на Агро-бизнис комората при ССК, Горан Ѓорѓиевски вели дека цената на лебот и белите печива зависи од многу фактори и оти секоја компанија сама ќе си ги направи пресметките и ќе донесат одлука.
„Во моментов има притисоци на пазарот. Притисоците на берзата се однесуваат на тоа дека цената на пченицата, поради излегувањето на Русија од договорот за снабдување на извоз на украинско жито и сончоглед, дека цените се покачени на берзите. Тоа е од 10-15%. Покачувањето на млечните производи и растот на цените на месните производи може соодветно да аплицира, односно да иницира даден момент цените за производство да се зголемат во прехранбената индустрија.“, изјави Горан Ѓорѓиевски – претседател на Агро-бизнис комората при ССК.
Потрошувачката кошничка одамна е полупразна, а куповната моќ на граѓаните сè помала, велат од Сојузот на синдикати. Оттаму порачуваат дека ја следат состојбата на терен и оти нивните информации се дека некои производи се и за 40% поскапи за разлика од лани. Тие бараат од Владата повторно да донесе мерка за замрзнување на производите. Минатата недела се обзнани оти млечните производи ќе поскапат, а истата судбина следи и за зеленчукот и овошјето.
Катерина Топалова
