Економија

Бесими: Во време на криза да не се шпекулира со поскапувањата

22.08.2023 16:21

Белиот леб е 33 денари, нема основа за зголемување на цената, Бесими повикува во време на криза да не се шпекулира со поскапувањата. Вели Владата е подготвена да разговара со мелничката индустрија и да реагира соодветно за да ги заштити граѓаните...

Во време на криза не треба шпекулативно да се зголемуваат цените. Владата е подготвена да разговара со мелничката индустрија и да реагира соодветно за да ги заштити граѓаните. Но, секој носи дел од одговорноста, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими во врска со најавите во медиумите за поскапување на лебот.

Според податоците на државниот завод за статистика, од јануари до јули, граѓаните континуирано плаќаат поскап леб и бели печива за разлика од истиот месец минатата година. Најголема е разликата во февруари годинава со февруари 2022 година, кога граѓаните плаќале 39,8% повеќе.

Според груба пресметка, ако во 2022 година лебот чинел 30 денари, годинава е за шест денари поскап и чини 36 денари.

Организирано покачување на цените на лебот како основен продукт е против законски. Пекарите велат дека во следните десетина дена, секоја компанија сама ќе ги направи пресметките и ќе одлучи дали ќе го поскапи својот продукт од септември. Како најголема причина за можното покачување го наведуваат поскапувањето на млечните и месните производи, војната во Украина и лошиот квалитет на житото поради климатските промени.

 

 

Катерина Топалова