Битиќи: Арбитражните постапки кои се водат против земјава достигнуваат 1,3 милијарди евра
Над 1,3 милијарди евра се побарувањата од компаниите за договори во земјава пред меѓународната арбитража, информира вицепремиерот за економски прашања Битиќи. Два случаи веќе се завршени, но има уште два нови случаи, со што во моментов активни се 7 случаи за арбитража против државата од компании по основ на раскинати договори склучени пред 2017-та година...

Албанска компанија покренала арбитражна постапка за договорот за изградба на деловна зграда, хотел и шпански скали во Скопје со побарување од најмалку 110 милиони долари оштета, информираше вицепремиерот за економски прашања Битиќи. До Владата дошло и барање за арбитража за оштета од италијанска компанија приватен партнер за депонијата Дрисла. Со ова бројот на арбитражни постапки против земјава се седум.
Завршени се две арбитражни постапки против земјава, информира Битиќи. Сите постапки за кои државата ќе треба да плаќа оштета поради склучени договори ќе бидат доставени до Јавното обвинителство на натамошна постапка, вели вицепремиерот за економски прашања додавајќи дека мора да има одговорност за секој потрошен денар.
Ирина Гелевска
