Земјоделство

Сè помала понуда на црвени пиперки од струмичко, цените растат

02.09.2023 11:46

Намалено производството на црвени пиперки во струмичко, посебно на отворено заради климатските промени. Сето тоа резултира и со повисоки цени заради побарувачката од странство. Земјоделците тврдат дека цените се реални заради трошоците…

Расте побарувачката на црвени пиперки од струмичко, заради што откупната цена стаса и до 50 денари за килограм во зависност од квалитетот. Струмичките земјоделците тврдат-цените се задоволителни со оглед на трошоците кои ги имаат за производство, но и намалениот род годинава заради лошото време.

„Нема голема количина како порано, но тоа што го вадиме има добра цена. И ние имаме трошоци високи за нафта, за репроматеријали“, вели Митко Трајков, земјоделец од Сарај.

„Многу беше топло времето и нема многу род. Цената се движи од 30 до 50 денари, зависи од родот“, додава Ристо Стојанов, земјоделец од Босилово.

Најголем дел од производството земјоделците го предаваат по откупните пунктови кои одат за извоз. Само мал дел завршува на домашниот пазар. Земјоделецот Ѓорѓи Колев од Босилово вели дека по пазарите цените на ајварките се високи поради големите маржи кои ги ставаат трговците.

„Ние земјоделците родот го даваме за 45-50 денари, а трговците го продаваат од 100 до 150 денари. Парите се кај нив, а кај нас работата и трошоците“, нагласува Ѓорѓи Колев, земјоделец од Босилово.

Трговците велат дека годинава производството на црвени пиперки во струмичко е намалено за речиси 30 отсто, а заради побарувачката од земјите во опкружувањето и ЕУ, тврдат дека нема да се намалат откупните цени.

Последниве години намалено е производството на црвени пиперки на отворено, пред сè поради лошите временски услови. Намаленото производство на црвена пиперка се должи и на фактот што добар дел од нивите во струмичко стојат запуштени и необработени.

Ване Трајков