Печалбарите заминаа, прометот драстично опадна во тетовско
Печалбарите дојдени во тетовско ја раздвижија економијата во трговско – угостителските објекти, но едвај два месеци. Веќе се заминати, прометот драстично е намален. Ретко кој од нив одлучува да отвори бизнис во родниот крај. Експертите велат дека потребна е политичка стабилност, ако сакаме сериозни инвестиции од иселениците...

Менсур Арифи е еден од најстарите златари во Тетово. Со дејноста се занимава 42 години. Деновиве во неговиот локал, но и во останатите ретко кој влегува. Печалбарите заминаа вели, и прометот драстично опадна.
„Секој месец сум на нула, само овој можам да кажам дека тргам нешто на страна. Остатокот од годината сум ниту горе ниту долу“, вели златарот Менсур Арифи.
Но, дел од трговско-угостителските објекти во Тетово веќе и се затвораат. Експертите велат дека печалбарите значително ја раздвижуваат економијата, но само на микро-план.
Се трошат пари за свадби, изградба и реновирање на домови, но ретко кој од нив сака да инвестира, изјави универзитетската професорка Хирије Алили.
Државата има добра даночна политика за инвестиции, голем дел од гастарбајтерите имаат претприемачки дух, но честите политички кризи се најголеми кочници.
„Политичкиот аспект е битен, за да бидеме попривлечни за инвестиции мора да се покажеме како стабилна држава. Мора да се грижиме и за животната средина, сега повеќе се оди кон зелената економија“, вели професорката Хирије Абази Алили.
Парите од прометот кој го направија печалбарите ќе се потрошат овие месеци, за зимница, почеток на учебна година, огревно дрво, истакна Арифи. До Нова година вели, барем да бидеме на позитивна нула, потоа пак ќе ги чекаме гастарбајтерите да ја освежат домашната економија.
Зоран Димовски
