Малите земјоделци да добиваат помош за користење на средства од ИПАРД, бараат здруженијата
Вработените од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството да помагаат на малите земјоделци во постапките за добивање средства од ИПАРД програмите. Вака побараа земјоделските здруженија од Струмица, според кои парите најчесто завршуваат кај земјоделски комбинати и преработувачки капацитети, но не и кај малите земјоделци…

Земјоделците да добиваат помош од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството за искористување на средствата од ИПАРД програмите. Вака смета Драги Памуков од Здружението „Кукла градинар“ од Куклиш, според кого малите земјоделците често се откажуваат од оваа програма заради големите бирократски процедури. Според него, вработените од Агенцијата треба да помагаат и да ги насочуваат индивидуалните земјоделци за искористување на парите.
Според Памуков, земјоделците од струмичко најчесто аплицираат за средства за механизација бидејќи постапката е полесна. За развој и осовременување на производството не се осудуваат, бидејќи се бараат документи, дозволи, бизнис-планови, заради што парите завршуваат најчесто кај земјоделски фирми и преработувачки капацитети.
Дури 98% искористеност има државата на средствата од ИПАРД 2 програмата при што склучени се 2.369 договори за инвестиции во земјоделството. За ИПАРД 3 програмата државата има добиено 97 милиони евра од ЕУ.
Ване Трајков
