„БМЗ“ ќе инвестира 65 милиони евра во Македонија
Во фабриката во ТИРЗ во Бунарџик, ќе се вработат околу седумстотини работници. Во Франкфурт, потпишан договорот.

Германската компанија за напредни батериски системи „БМЗ“ во Македонија ќе инвестира 65 милиони евра. Во фабриката во ТИРЗ во Бунарџик, ќе се вработат околу седумстотини работници. Во Франкфурт, потпишан договорот.
„Со реализацијата на инвестиција од 65 милиони евра, која ќе отвори 755 нови работни места, ќе се креираат дополнителни можности за вработување на наши сограѓани, кои ќе создадат шанси за развој и унапредување на нивните знаења, вештини и компетиции активно да учествуваат во најсовремени технолошки производствени процеси и за тоа да бидат добро платени“, изјави вицепремиерот Битиќи.
Рече дека со проектирањето на годишен извоз од над 360 милиони евра, новата фабрика на „БМЗ“ ќе значи директна придобивка за извозните способности на Северна Македонија и подобрување на трговскиот баланс, но и директно учество во градењето на долгорочни и одржливи основи на економскиот раст и развој на земјата.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски нагласи дека само по 7 месеци од првата средба, потпишан е инвестицискиот договор.
„Она што е најважно е дека БМЗ ќе вработи над 750 лица со плати од над 1.200 евра бруто. БМЗ е и првата компанија која формално се обврзува да даде конкретна поддршка за развој на вештини кај младите во нашата земја. Ова е добар пример како граѓаните имаат конкретна придобивка од инвестициите“, рече Деспотовски.
Од Франкфурт известува Сузана Фиданска- Стоевска
