Производната цена на грозјето повисока од откупната, лозарите бараат помош од Владата
Производната цена на грозјето е повисока од откупната, се жалат лозарите. Доколку од Владата не добијат помош од четири до пет денари, најавија дека ќе ги кршат лозовите насади…

Производната цена и годинава повисока од откупната, негодуваат лозарите кои барале средба со претставници од Министерството за земјоделство пред февруари, но до денес, велат дека немаат остварено. За десет години цената на грозјето се зголемила за пет денари.
Производството е намалено за половина поради климатските промени. Бараат прогласување елементарна непогода поради обилните врнежи од дождови во мај и јуни и сушните периоди во јули, кои предизвикале појава на болести и штети.
Лозарите се револтирани бидејќи Министерството за земјоделие разговара само со винариите. Доколку владата не им помогне со четири, пет денари по килограм, најавуваат дека во октомври ќе ги кршат лозовите насади, со што, оваа гранка која е на дното, ќе се уништи целосно. За прашањата на лозарите побаравме одговори од Министерството за земјоделство, но не ги добивме.
Александра Велинова
