Земјоделство

Наскоро нова мерка за поддршка на лозарите

07.09.2023 17:13

Идејата е да овозможиме финансиска поддршка за произведено винско грозје, но и за прв пат и за произведено трпезно грозје и тоа од најмалку 12.000 денари по хектар. По завршување на бербата, кога ќе ги имаме точните бројки, заедно со подсекторската група ќе ја поготвиме мерката и ќе ја предложиме на усвојување до Владата, истакна министерот Николовски на средбата со лозарите.

Лозарите оваа година се пред нов предизвик. Климатските промени, кои пролетва предизвикаа многу дождови, придонесоа да се развијат услови за појава на пламеница и пепелница и направија големи штети на лозовите насади. Од овие причини годинава родот е намален и со послаб квалитет. Ова беше и тема на денешната средба со лозарите, на која министерот Николовски искажа целосно разбирање за состојбата во лозарството.

„За мене и министерството ова е еден од најзначајните сектори и денес токму од тука сакам да упатам порака дека ниту еден лозар нема да биде оставен сам. Она што можам да го најавам е дека министерството веќе креира мерка за поддршка на лозарите. Јас овој предлог ќе го доставам прво до подсекторската група на разгледување, а потоа и до Владата. Идејата е да овозможиме финансиска поддршка за произведено винско грозје, но и за прв пат и за произведено трпезно грозје и тоа од најмалку 12.000 денари по хектар. По завршување на бербата, кога ќе ги имаме точните бројки, заедно со подсекторската група ќе ја поготвиме мерката и ќе ја предложиме на усвојување до Владата“, истакна министерот Николовски на средбата со лозарите.

Оваа година за прв пат почнуваме да го применуваме новиот модел на субвенции. Па така лозарите ќе добијат 30% или 12.000 денари до крајот на годинава, а остатокот од 28.000 денари, ќе им се доисплати во февруари, традиционално како и секоја година за празникот Св. Трифун.

Неодамна беше усвоена десетгодишната Национална стратегија за развој на винарството и лозарството 2023-2033, која има амбициозни цели.Министерот Николовски ги повика лозарите и сите заинтересирани да ја искористат можноста која ја нуди ИПАРД 3 програмата.