Информативна кампања за ИПАРД 3
Од утре треба да почне информативната кампања за објавениот прв повик за користење на средствата од ИПАРД 3 програмата со која како неповратна помош од Европската унија се обезбедени 97 милиони евра. На располагање на земјоделците веќе се достапни првите 30 милиони наменети за инвестиции во земјоделството и во руралниот развој…

Од утре треба да стартува информативната кампања на министерството за земјоделство, по објавениот прв ИПАРД 3 повик. Заинтересираните земјоделци и фирми преку неа можат директно да добијат информации за можностите кои им се нудат, а помош за подготовка и практични совети за аплицирање можат да се добијат бесплатно во регионалните центри на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството.
За инвестиции во земјоделството и руралниот развој со две мерки за земјоделците се обезбедени 30 милиони евра.
Кај мерката 1 како корисници се земјоделски стопанства запишани во регистарот, кои може да бидат физички и правни лица и задруги или здруженија на правни лица. Минималната вредност на прифатлива инвестиција е 20.000, а максималната 750.000 евра.
Кај втората мерка, приоритетни сектори се алтернативното земјоделско производство, преработката на алтернативни земјоделски производи, производство на пијалаци, прехранбени производи и не-прехранбени производи, поддршка на занаетчиски активности и услуги за руралното население. Минимална вредност на предложен проект изнесува 10.000, а максималната 600.000 евра.
Методија Трајков
