Македонија

Стопанска комора ќе бара ЕУ да ги пролонгира роковите за одредени стандарди за бизнисот

11.09.2023 14:43

Македонската економија од технолошки аспект засега е рангирана на трето ниво, велат од Стопанска комора. Ќе бара пролонгирање на роковите за одредени регулативи за бизнисот. Исполнувањето на сите европски критериуми и спроведувањето на регулативата ќе има финансиски влијанија врз компаниите...

На скалата од еден до десет, македонската економија од технолошки аспект засега е рангирана на трето ниво, велат од Стопанска комора. Комората ќе бара од ЕУ да ги пролонгира роковите за одредени стандарди и регулативи за бизнисот.

Во овој сегмент посебно се засегнати агросекторот, металната индустрија и металургијата, кои мора да усогласат голем број еколошки стандарди. Најавија дека ќе бараат од ЕУ постепено отворање на европските пазари и фондови, зголемување на фондот за конкурентност и иновативност, како и дополнителни вложувања од Европската комисија во инфраструктурните проекти, но истовремено и надзор, за да се избегнат сите малверзации и бавни реализации.

Исполнувањето на сите европски критериуми и спроведувањето на регулативата, што ќе ни биде поставена како услов, ќе има финансиски влијанија врз компаниите и затоа Комората бара отворање дополнителни фондови.

Во рамки на преговорите за членство во ЕУ, економијата е директно вклучена во пет од вкупно шест кластери, потенцираа од Стопанската комора.

Брисел во процесот на приспособувањето на законодавството за Западен Балкан, најави можно приклучување кон заедничкиот пазар на Унијата, како и во делот на кибербезбедноста.

 

Ана Јосифоска Тодоровска