Потфрли родот на тутунот
Површините под тутун годинава се зголемија, но родот потфрли, велат тутунарите. По добрата просечна откупна цена од 290 денари за килограм од ланската реколта, лошите временски услови им ги расипаа сметките. Очекуваат зголемени цени и поддршка од Министерството за земјоделство за да се задржи исплатливоста на тутунопроизводството во иднина...

Монополите со тутунарите договориле производство од околу 26.600 тони, што е за 400 тони повеќе од лани. Зголемувањето според земјоделците е резултат што ланската реколта добро поминаа.
Родот беше квалитетен, брзо се продаде и се доби просечна откупна цена од 290 денари за килограм.
Сепак, тутунарите и годинава ќе бараат зголемување на цената на тутунот зашто трошоците се поголеми, а родот е речиси двојно помал поради врнежливата пролет во време на расадувањето и сахарските топлотните летни бранови.
За да се задржиме исплатливоста на производството на оваа култура очекуваат и поддршка од Министерството.
Лани беа исплатени 26 милиони евра субвенции на сметките на 15.700 производители на тутун, а монополите исплатија скоро 6 милијарди денари. Тутунот е еден од најзначајните извезувани земјоделски производи кај нас.
Учествува со 18 проценти во домашниот извоз со скоро 140 милиони евра девизен прилив и вработува над 20 илјади семејства.
Методија Трајков
