Економија

Новата инвестиција од 45 милиони евра на „Костал“ ќе отвори над 200 нови работни места

13.09.2023 14:31

Проектот, односно производството на овие компоненти предвидено е да започне во октомври 2023, а неговото завршување е предвидено на крајот на 2028 година...

Вицепремиерот Фатмир Битиќи денеска оствари средба со главниот оперативен директор на германскиот концерн за производство на автокомпоненти „Костал“, Хансјорг Херман, и директорот на „Костал“ Македонија, Виктор Мизо.

„Со директорите на „Костал“, Херан и Мизо веќе започнавме да ги финализираме деталите за нивниот нов инвестициски потфат кој е во вредност од преку 45 милиони евра и ќе овозможи вработување на нови преку 200 наши сограѓани“, изјави Битиќи.

На средбата, претставниците на „Костал“ го информираа вицепремиерот Битиќи дека ќе донесат технички најсофистицираната производна линија во државата која ќе служи за производство со воведување на SAC (Smart Actuator Charging) технологијата за производи наменети за Фолксваген Групацијата, за брендовите Фолксваген, Ауди, Порше, Шкода, Сеат.

Дополнително со новиот проект ќе биде воведена и новата SkinTec технологија за производство на кровни модули кои ќе бидат наменети за високата класа произведена од Daimler: Mercedes EQS, EQE, C+S Class, AMG SL.

Проектот, односно производството на овие компоненти предвидено е да започне во октомври 2023, а неговото завршување е предвидено на крајот на 2028 година, што значително ќе го зголеми нашиот извоз како држава, затоа што станува збор за производи со најголема додадена вредност кои некоја странска компанија ги произведува кај нас.