Економија

Бектеши: Од среда прехранбените производи ќе се намалат за 10%

14.09.2023 13:35

За минимум 10 отсто ќе се намалат цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто, а референтна цена ќе им биде цената од еден од претходните месеци.

Од среда прехранбените производи ќе се намалат за 10 проценти, одлуката е донесена, во вторник ќе биде на владина седница. Министерот за економија Бектеши е дециден – мерката мора да се почитува, во спротивно ќе има казни. На терен ќе засилени инспекциски контроли, за трговците што нема да ја почитуваат одлуката им се заканува казна затворање на објектот.

„Одлуката на Министерството за економија ќе биде усвоена на владината седница во вторник и реализирана во делот на намалување на цените на прехранбените производи во сите синџири на супермаркети“, изјави Бектеши.

Како што кажа, за минимум 10 отсто ќе се намалат цените на над 50 основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто, а референтна цена ќе им биде цената од еден од претходните месеци.

Министерството во текот на следната недела ќе направи и измени и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат (ДПИ) со кои ќе ги зголемат ингеренциите на инспекторите на ДПИ за да можат веднаш да постапат и да го затворат објектот без да поминат одредени судски постапки.