Нови владини мерки

Цените од 1-ви август ќе бидат референтни за поевтинувањето на прехранбените производи, вели Ковачевски

15.09.2023 12:53

Како што истакна, поскапувањето се случувало најмногу после 1-ви август, затоа е земено и како репер, но тоа не значи дека нема да земат предвид и други елементи.

За најавеното поевтинување на повеќе од 50 основни прехранбени производи како референтни цени ќе се земат оние од 1-ви август, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Како што истакна, поскапувањето се случувало најмногу после 1-ви август, затоа е земено и како репер, но тоа не значи дека нема да земат предвид и други елементи.

„Со замрзнување на над 50 основни прехранбени производи се предвидува цените да се намалат за минимум 10% бидејќи за тоа апсолутно има простор. И референтната цена за намалување нема да биде земена денешната цена туку според она што го анализираме, најверојатно ќе бидат намалени во однос на цените кои важеле на 1-ви август. Најважно од сѐ сега е потрошувачите да не се чувствуваат измамени, и на тоа и ќе се работи и во иднина. Следат и измените и дополнувањата на Законот за пазарниот инспекторат, со кои ќе се зголемат ингеренциите на инспекторатот со што инспекторите ќе можат да постапуваат побрзо и да бидат поефикасни“, изјави премиерот Ковачевски.

Одлуката за замрзнување на цените на 50 основни прехранбени производи треба да биде донесена на владина седница во вторник идната недела.

Премиерот исто така нагласи дека одлуката за забрана на акции и промоции на прехранбени и земјоделски производи во трговијата на мало е со цел заштита на граѓаните од манипулации со цените. Додаде дека одлуката е со цел граѓаните да ја знаат точната и реална цена на прехранбените производи, и да не се доведуваат во заблуда со цените на прехранбените производи.