СЕФФ 2023: Економскиот ефект од ЕУ е 15% до 20% повисок БДП
Овогодинешната тема „Европа-Да, Европа-Сега“ е посветена на предизвиците и можностите кои се поставуваат пред сите земји од Западен Балкан во контекст на евроинтеграциите.

Економскиот ефект од ЕУ е 15-20% повисок БДП за новите земји-членки, нови и подобро платени работни места, сигурност и стабилност. Треба да се искористи моментот за да Република Северна Македонија стане 28-ма членка на Европската Унија. Ова беа главните пораки од отварањето на Третата годишна конференција на Скопскиот економски и финансиски форум - СЕФФ, во организација на Министерството за финансии.
Конференцијата со поздравни обраќања ја отворија министерот за финансии Фатмир Бесими, премиерот Димитар Ковачевски, како и ЕУ комесарот за буџет и администрација, Jоханес Хан.
Како што посочи министерот за финансии, Бесими, СЕФФ е платформа за дискусија на јавните политики која произлезе како потреба за време на Ковид-19 кризата, а има за цел да ги обедини сите општествени чинители, како креаторите на политики, политичките претставници, бизнис заедницата, академските претставници, со цел изнаоѓање на најдобри солуции. Овогодинешната тема „Европа-Да, Европа-Сега“ е посветена на предизвиците и можностите кои се поставуваат пред сите земји од Западен Балкан во контекст на евроинтеграциите.
„Влијанието на ЕУ е проценето на дополнителни 15%-20% од БДП по глава на жител, вклучително и неколкукратен раст на фондовите достапни по пристапувањето, само кај кохезионите фондови 22 пати повисоки. Во време на повеќекратни кризи, кои се преклопуваат, сега, повеќе од кога и да било е време земјите да се поддржуваат една со друга“, порача министерот Бесими.
Фокус на обраќањето на премирот Ковачевски, исто така, беа придобивките од членството во ЕУ. Тој ги истакна економските ефекти од членството во Европската Унија кои се високомултипликативни.
„Тоа во првите 5 години ќе значи повисоки плати од 70 до 100 проценти, пораст на БДП во износи од 80 до 90%, зголемен број на работни места, за 30% до 40% зголемен број на мали и средни претпријатија“, порача Ковачевски.
Комесарот на ЕУ, Јоханес Хан, во своето обраќање истакна дека РС Македонија треба да го искористи позитивниот моментум за евроинтеграции, како и дека Европската Унија покрај економските придобивки, носи и многу други подобри услови за граѓаните, од аспект на владеењето на правото, граѓанските права, чувството на заедништво и единствено.
„Вие сте значајни за европското семејство. Ќе направиме се што треба за да се забрза процесот. Да го искористиме заедно моментот. Верувам дека Република Северна Македонија може да биде 28-ма членка на ЕУ. Работете заедно, сите политички опции во земјава, како тим, за да стигнеме таму“, порача комеасорт Хан.
На првиот панел од конференцијата „Европска и регионална интеграција“, стана збор за приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ единствениот пазар, како и новиот план за Западен Балкан презентиран од страна на претседателката на Европската комисија на ГЛОБСЕК 2023 во Братислава.
