Августовските цени ќе бидат референтни за поевтинување на производите
Надлежните ги анализираат цените, доколку има потреба, како репер ќе се земе и јули. Анализата ќе биде завршена викендов, од среда за дел од производите граѓаните ќе плаќаат 10 насто пониски цени.

Поскапувањето на основните прехранбени производи граѓаните најмногу го почувствувале по 1-ви август. Овој период ќе служи за споредба за најавеното поевтинување на повеќе од 50 артикли.
Надлежните ги анализираат цените, доколку има потреба, како репер ќе се земе и јули. Анализата ќе биде завршена викендов, од среда за дел од производите граѓаните ќе плаќаат 10 насто пониски цени.
Од Сојузот на стопански комори сметаат дека треба да се земе предвид и царинската политика при увоз на одредени репроматеријали. Во некои европски земји царината за одредени суровини е пониска, па и цените на артиклите се пониски од кај нас. Според првиот човек на комората Ангеловски, треба да се работи и на подобрување на конкурентноста.
„Ние сме помал пазар, понудата е помала, треба да се работи на подобрување на конкурентноста помеѓу компаниите. Еден од владините претставници тоа го спомна како потенцијален фактор кој може да влијае на цените. Ние сметаме дека нашиот македонски пазар, за жал, е недоволно развиен и не постои доволна конкурентност. Ги охрабруваме владините институции да работат на овие неколку аспекти и да ја оставиме економијата да си го одработи својот дел“, изјави Трајан Ангеловски, претседател на Сојузот на стопански комори.
На трговците ќе им биде дозволено акциски да ги намалат цените само на производите на кои им истекува рокот, во спротивно доколку спроведуваат акциски продажби до 30-ти ноември ќе добијат казна. Со измените на законот ќе се зголемат надлежностите на инспекторите, ќе можат веднаш да постапат и да затворат објект.
Основните прехранбени производи станаа луксуз. Граѓаните реагираат дека цените во маркетите секојдневно се зголемуваат. Дел од производите се продаваат поскапо од земјите во Европската унија.
Андријана Ѓурческа
