Охрид

Дефицит на работници во градежниот сектор

15.09.2023 15:00

Иако во центрите за вработување во земјава се евидентирани голем број невработени лица се чини дека малку од нив се заинтересирани за вработување. Во Охрид на пример најголемиот број од невработените граѓани од различни причини ги одбиваат понудите за работа. Најверојатно слично е и во другите македонски градови, бидејќи на конкурсот на конзорциумот „Бехтел и Енка“ од потребните две илјади лица се пријавиле само триста и шеесет...

Иако има недостиг од работна сила на пазарот на трудот, малку кој од евидентираните 2.500 невработени лица во Центарот за вработување се заинтересирани да се вклучат во работниот процес на компаниите. Особено тоа се однесува на граѓаните кои по различни основи добиваат парични средства, а нив ги има 409, како и 1.000 лица кои добиваат гарантирана минимална помош, откако биле прогласени за технолошки вишок во државните компании.

„Одбивањето на работно ангажирање значи од повеќе причини. Пред сè тоа може да биде од здравствени, некогаш активните баратели на работа бараат и полесна работа според нивните квалификации, меѓутоа главно и она што можеме да го констатираме во секојдневното работење е дека невработените лица, кај нив постои слаб интерес за работа“, изјави Александра Дончевска, раководител на Центар за вработување Охрид.

Според евиденцијата на Центарот за вработување покрај дефицит на кадри во угостителството веќе неколку децении најголем недостиг на работници има во градежништвото.

„Имаме голем недостиг на работници во градежништвото, иако имаме побарување од страна на градежните компании да вработат лица од тој профил. Младите воопшто не сакаат да се вклучат на пазарот на трудот во овој сектор“, изјави Александра Дончевска, раководител на Центар за вработување Охрид.

Кризата во градежниот сектор во Охрид започна во текот на транзицијата кога пропаднаа големите градежни компании.

Дека кај младите охриѓани нема интерес за работење во градежништвото ни потврдија и од охридските градежни компании. Од таму велат дека скоро 100 проценти од ангажираните лица се од другите македонски градови.

Ваквата состојба во градежништвото во Охрид најверојатна е слична на целата територија на државата, а показател за тоа е конкурсот на конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на патните коридори, при што пристигнале само 360 сивија, а за реализација на проектите се потребни 2.000 работници.

 

Сашо Нелоски