секретаријат

Маричиќ: Следната ИПАРД програма македонските земјоделци треба да ја користат како граѓани на држава членка на ЕУ

15.09.2023 19:38

Вицепремиерот Маричиќ денеска е во работна посета на Прилеп, каде пред почетокот на трибината „Ние сме Европа“ го посети млинот за сточна храна, „Еко – Млин“, корисник на ИПАРД 2 програмата...

Во обиколката на објектот и низ разговор со сопствениците вицепремиерот Маричиќ посочи дека ЕУ вложува во македонското земјоделство и ги подготвува земјоделците за европскиот пазар, укажувајќи дека во изминатите 15 години, со помош на фондовите на ЕУ, направени се значителни инвестиции во модернизација и окрупнување на земјоделското производство и преработка, приближување кон повисоки стандарди, квалитет и безбедност на храната, а преку поддршка на Владата дека се обезбедува стабилност на приходите на производителите.

„Со ИПАРД 2 програмата докажавме зошто сме лидери во регионот и дека знаеме ефективно и ефикасно да ги искористиме максимално сите средства кои Европската Унијата ни ги овозможи. Таа успешна приказна ЕУ ја наградува и ја продолжува со новата ИПАРД 3 2021-2027 години става на располагање неповратни 97 милиони евра европски средства за нови инвестиции, развој и модернизација на македонското земјоделство“, рече Маричиќ.

Тој додаде дека 30.7 милиони евра неповратни европски пари се обезбедени во рамки на ИПАРД 2 програмата за инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски, за 146 проекти, а еден од тие проекти е и проектот на ЕКО МЛИН кој добил поддршка од 7 милиони денари за подобрување на производствените капацитети.

Вицепремиерот, во присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, потсети дека во тек е првиот повик од новата ИПАРД 3 програма, за мерките 1 и 7 и кажа дека во завршна фаза е административната и владина процедура за потпишување на финансиската спогодба, со која ќе започнат испратите на апликациите.

Маричиќ изрази задоволство што македонските земјоделци ја препознаваат придобивката од ЕУ и нивната политика за развој на земјоделството, и кажа оти очекува и ИПАРД 3 програмата до 2027 да биде успешно спроведена, бидејќи како што кажа, македонското земјоделство е европско и подготвено следната ИПАРД-програма да ја користат нашите граѓани како граѓани на држава членка на ЕУ“.

Вечерва во центарот на Прилеп, се одржува отворената трибина: „ЕУ за развој на македонското земјоделство“ на која ќе се обратат вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, амбасадорот на Република Франција, Н.Е. Сирил Бомгартнер и претставничката на организацијата Агро Лидер Марина Тошеска.