Куманово

Куманово: Лоша година за производителите на сончоглед

16.09.2023 11:37

Лоши климатски услови, ниска откупна цена и неорганизиран пласман, се реакциите на производителите на сончоглед. Во кумановско Романовце опаѓа бројот на производители на оваа маслодајна култура. Велат цената е ниска, а маката голема...

Производителите на сончоглед годинава со проблеми поради климатските услови, но и незадоволни од ниската откупна цена и неорганизираниот пласман. Земјоделецот Среќко Николовски од кумановско Романовце кој 20-ина години произведува сончоглед, за македонската телевизија раскажува дека континуирано се намалуваат површините со оваа маслодајна култура. Тој лани работел 12 хектари, а годинава само шест. Вели неисплатливо е да се произведува, цената е ниска, а маката голема.

„Порано тон и пол, тон од хектар, оваа година беше катастрофална големи температури над 40 степени. Не врнеше дожд навреме, немаше дожд очекуваме 600-800 кила по хектар, значи околу 3 и пол тона, ако ми даде и зависи од пласман колку ќе е цена 70-80 денари нема ниту евро и пол. Цената е за никаде луѓето се разочарани и за наредната година не знам многу ниви ќе останат празни, ќе бидеме граѓани во село“, вели Среќко Николовски, земјоделец од кумановско Романовце.

Николовски освен сончоглед произведува и пченка и јачмен но вели таму состојбата со откупот е уште полоша.

Податоците на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пак покажуваат дека годинава во кумановско во пролетната сеидба биле засеани 850 хектари сончоглед, што е зголемување во споредба со претходните години. Просечниот принос нема значително намалување во последните три години. Годинешната откупна цена информираат е согласно берзите и за килограм сончоглед се движи до 21 денар.

 

Елена Горгиевска