Куманово: Ќе се развие ли индустриската зона?!
Германски ланец маркети влезе во кумановската индустриска зона. Надлежните од најголемата општина во земјава очекуваат развој на зоната. Велат интерес има и од домашни и од странски инвеститори. Но од вкупно 33 парцели досега се продадени само десет...

Германскиот ланец маркети ЛИДЛ влезе во индустриската зона Новине и Речица во Куманово. Општина Куманово од продаденото земјиште доби над пет милиони евра, кои би требало да се реинвестираат во развој на зоната. Дополнително би требало да се отворат 150 работни места. Надлежните велат интерес има и од домашни и од странски инвеститори. Зоната која се простира на 64 хектари има вкупно 33 градежни парцели, од кои досега се отуѓени десет. Функционираат фабрика за производство и преработка на оцет, бетонски елементи и масло за медицински употреби. Останатите сè уште не се изградени. Од општината велат се користат сите можности за промоција на зоната која се развива веќе десетина години.
„Има за стоваришта и складишта, 19 за лесна и незагадувачка индустрија, за хотели, големи трговски единици, комунална инфрастуктура, пречистителна станица и парковско зеленило. Во зависност од побарувачката ние ги планираме аукциите. Следна планираме да биде до крајот на годината“, истакна Емилија Сларидис Јаневска, раководителка на Сектор за урбанизам Општина Куманово.
Кумановската индустриска зона има низок степен на инфраструктура. Поставена е сообраќајница, електрична енергија и атмосферска канализација.
Цените за градежните парцели се различни од 61 до 800 денари за метар квадратен.
Елена Георгиевска
