Младите во фокусот на земјоделската политика, ќе се формира нова подсекторска група
Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во просториите на Министерството одржа средба со млади земјоделци, од сите региони во државава и од сите сектори...
На средбата беа презентирани резултатите од досегашните политики за поддршка на младите во секторот како и за новите можности кои им ги нудиме преку нашите мерки и програми како и ИПАРД програмата.
Министерот презентираше факти и бројки кои потврдуваат дека сме вистински насочени кон креирање на услови кои реално ги поддржуваат младите.
Креирањето на политиките за младите земјоделци подразбира сеопфатен процес на создавање услови. Во 2019 воведовме измени во Законот за земјоделско земјиште, со кој овозможивме младите земјоделци да добијат земја под закуп и при тоа ги ослободивме во првите три години да не плаќаат закупнина. Тоа за нив е дополнително олеснување и голем мотив. Во собраниска процедура е и новиот Закон за советодавен систем, со кој ќе им помогнеме на сите земјоделци, а пред сè на младите да добијат стручна помош и совети од квалификувани советници кои ќе им помогнат да остварат поголеми приноси, а со тоа и поголем профит.
Во процес на креирање е и нова идеја за формирање на Сојуз на млади земјоделци по примерот на Рурална младинска асоцијација на младите земјоделци во Словенија, кои се дел од Европската организација на млади фармери и кои оваа година слават триесетти роденден.
Преку сите програми на министерството, фокусот е ставен на развој на руралните средини и подобрување на условите за живот како една од клучните фактори за младите да останат дома. Ова значи дека настапуваме фронтално, им приоѓаме на сите предизвици преку комплексни политики кои опфаќаат сè што е потребно за да имаме рамномерно унапредување на сите нивоа и за сè она што ги засега младите.
На состанокот детално беше презентиран повикот за млади земјоделци за поддршка од 10.000 евра по корисник, од Националната програма за рурален развој, кој веќе е во тек. За прв пат од оваа година, младите земјоделци кои ќе добијат грант, ќе добијат авансна исплата во износ од 40% од вредноста на договорот. Исто така, беа посочени сите можности за младите земјоделци кои ги нуди ИПАРД 3 програмата. Активен е повикот за мерките 1 и 7, за кои младите во ИПАРД 3 имаат предност, па така процентот на кофинансирање за нив изнесува 70% а во некои случаи предвидени во условите на програмата, кофинансирањето за млади може да достигне и до 75% што е максимален процент на кофинансирање. Тоа е огромна поддршка за секој кој сака да инвестира.
Затоа, тимовите од Министерството и Платежната агенција, денеска одговараа на сите прашања, за заедно да направиме сè што е во наша моќ да им помогнеме на сите млади, да ги искористат средствата и од повикот за Млад земјоделец и од повикот за ИПАРД 3.
Во моментов на располагање се над 50 милиони евра. Огромна можност, огромен потенцијал за развој, огромна шанса за успех. Министерот Николовски ги повика сите млади земјоделци кои имаат визија, кои имаат развојни планови за своето производство да аплицираат и да ги искористат средствата.
Рокот за поднесување на апликации за мерката Млад земјоделец, како и за првиот повик од ИПАРД 3, Мерка 1 и 7 истекува на 15. октомври, а за Мерка 3 од ИПАРД 2 програмата истекува на 3-ти октомври. Има доволно време, сите заинтересирани да се информираат, да прашаат, да се советуваат со нашите тимови и да подготват добри деловни планови со кои заедно ќе создадеме нови успешни приказни и нова иднина за младите во земјоделскиот сектор.
