Енергетика

Фотоволтаичните централи трајно решение за високите сметки на училиштата

20.09.2023 17:01

Фотоволтаичните централи се можеби најдоброто решение за нормално функционирање на училиштата во земјава во услови на енергетска криза. Општина Охрид го почна процесот за поставување на ваков систем во сите училишта...

Зголемената неизвесност поради нестабилноста на цените на енергентите пред почетокот на грејната сезона ги принуди општинските власти во Охрид решението да го бараат во поставување на фотоволтаични централи. Тоа придонесе денеска да биде пуштена во употреба фотоволтаична централа во Средното економско училиште „Свети Кирил и Методиј“, донација од општествено одговорна компанија, со што трошоците за греење ќе се намалат за 50 проценти.

Дека активно се работи на ова поле говори и тоа што започнаа работите и во гимназијата „Свети Климент Охридски“.

„Општина Охрид е генерално во добра финансиска кондиција, ќе може да поставува сама, меѓутоа ќе одлучиме секако тековно на каков начин. Дали со некаков си партнерски однос или со лично наша инвестиција ќе ги покриеме останатите објекти коишто се во наша сопственост“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид

„Со изградба на новиот систем за греење каде што ќе се грееме на електрична енергија, имаме сега и производство на електрична енергија. Значително ќе се намалат сметките за струја и мислам дека ќе имаме нов економичен систем за греење“, рече Ристе Јанкоски – директор на Средно економско училиште „Свети Кирил и Методиј“ Охрид

Претставникот на општествено одговорната компанија којашто ја донираше фотоволтаичната централа рече дека до крајот на годината во земјава ќе реализираат вкупно четири проекти. Притоа тој нагласи дека постапката за охридското училиште завршила во најкус можен рок.

„Таа постапка е малку подолга, меѓутоа ова ви е класичен пример каде што со добра организација, со правилно изработен проект и со комуникација и со правилно планирање на сите работи и таа постапка брзо се истерува, конекцијата со ЕВН и сето тоа друго. И ова мора да биде пример не само за ова школо, туку и за граѓанството и за сите мали компании коишто мора да поставуваат вакви мали фотоволтаични системи и со тоа да придонесат за подобра ситуација во енергетскиот систем“, изјави Ристо Јанковски-директор за стратешко планирање и развој.

Поставувањето на ваквите системи ќе биде од огромно значење за јавните претпријатија кои трошат големи количини електрична енергија, како што е охридски „Водовод“, кој за една година генерира долг од над еден милион и четиристотини илјади евра.

 

Сашо Нелоски